Можното снабдување со борбени авиони за Украина тема на состанокот на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 13 февруари изјави дека очекува прашањето за воените авиони да биде разгледано на претстојниот дводневен состанок на министрите за одбрана на НАТО, кој започнува на 14 февруари.

„Сега се води дискусија и за прашањето за авионите и очекувам тоа да биде разгледано и утре на средбата во Брисел“, изјави тој.

Столтенберг додаде дека Украина која е нападната од Русија и е потребна итна поддршка на теренот. Тој исто така, нагласи дека земјите од НАТО кои испорачуваат борбени авиони на Украина нема да го направат НАТО дел од конфликтот.

Тој претходно изјави дека веќе започнала страшната нова голема руска офанзива во Украина, речиси една година откако Москва ја започна војната.

Видете и ова: Продолжува руското воено засилување во источна Украина

„Не гледаме никаков знак дека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за мир. Она што го гледаме е дека претседателот Путин и Русија сè уште сакаат да ја контролираат Украина. Гледаме како тие испраќаат повеќе војници, повеќе оружје, повеќе способности“, рече тој.

Се смета дека Русија планира нова голема офанзива, а Украина наведува дека ѝ се потребни борбени авиони и ракети со долг дострел за да се спротивстави на офанзивата и да ја врати изгубената територија.