Закажано првото судско рочиште по обвинението против Жан Митрев

Доктор Жан Митрев

Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти дека во целост го прифати обвинението против докторот Жан Митрев и против истоимената клиника. Првото судско рочиште за овој предмет е закажано за на 28 февруари годинава.
„ По одобрениот обвинител акт, оформен е кривично правен предмет со К.бр. 349/23 кој согласно АКМИС системот е распределен кај судија на понатамошно постапување и насрочен е термин за главна расправа на 28.02.2023“ се вели во соопштението.

Жан Митрев е обвинет за кривичното дело измама на пациенти.
Истрагата против него беше отворена по допрен глас, односно по објавувањето на истражувачката сторија на ИРЛ за неетичко користење на методот хемофилтрација кој претставува инвазивен метод за прочистување на крвта во лечење на пациенти од ковид-19 .

Видете и ова: Обвинение за Жан Митрев дека мамел болни од ковид


Извори од Основното обвинителство велат дека Митрев со умисла, прикривање на факти и јавни настапи ги довел до заблуда пациентите дека хемофилтрацијата е алтернатива која лекува од ковид 19 во време на пандемија. Пресметките на обвинителството за предизвиканата парична штета од делото „измама“ изнесува 1,6 милиони евра, односно пари кои им биле наплатени на овие 283 пациенти само за методот хемофилтрација.

Судот до сега му го одзеде пасошот на Митрев и обезбеди гаранција од милион евра.

Видете и ова: Судот го одби Жан Митрев, темата „Нечиста крв“ е од јавен интерес

Од клиниката тврдат дека работеле според највисоки здравствени стандарди во согласност до дозволени и утврдени методи на лечење. Тие во денешната реакција посочуваат дека очекуваат јавен и транспарентен процес низ којшто ќе ја докажат како што велат, нивната невиност во однос на сите обвинувања кон д-р Митрев и кон клиниката.

„Вистината е на наша страна, обвинението е целосно неосновано и тоа ќе го докажеме и институционално. Очекуваме брз и транспарентен процес на кој преку јасни и јавни информации, сведоштва и доказен материјал ќе се утврди вистината дека ниту еден пациент не бил измамен. За време на Ковид пандемијата нашата клиника и нашиот персонал одиграа херојска улога, а овој срам и напади кои ги доживуваме нека им служат на чест на нарачателите,“ велат оттаму.

Основното јавно обвинителството – Скопје по допрен глас оформи предмет на 18 јули, откако ИРЛ објави истражување за работењето на клиничката болница „Жан Митрев“ во периодот од 2020 до 2022 година.