Иранскиот претседател Ебрахим Раиси ќе ја посети Кина

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси за неколку дена ќе замине во тридневна посета на Кина со цел зајакнување на економската соработка, објавија денеска државните медиуми, пренесува АФП.

Раиси ќе замине за Пекинг во понеделник навечер, како одговор на официјалната покана од кинескиот претседател Си Џинпинг, објави иранската државна новинска агенција ИРНА.

Двајцата претседатели за прв пат се сретнаа во септември минатата година во Узбекистан, на самитот на Шангајската организација за соработка, кога иранскиот претседател повика на проширување на врските.

Се очекува Раиси да има приватни разговори со Си за време на претстојното патување, а делегациите на двете земји се очекува да потпишат „документи за соработка“, јави ИРНА.

Агенцијата додава дека Раиси ќе учествува и на состаноци со кинески претприемачи и Иранци кои живеат во Кина.

Видете и ова: Хакиран преносот на говорот на претседателот на Иран

Во 2021 година, двете земји потпишаа 25-годишен „пакт за стратешка соработка“ за кој се вели дека вклучува „политички, стратешки и економски“ компоненти.

Кина е најголемиот трговски партнер на Иран, објави ИРНА, повикувајќи се на десетмесечната статистика на иранските царински власти, пишува Франс прес.

Иран во Пекинг извезе стоки во вредност од 12,6 милијарди долари, а од Кина увезе стоки во вредност од 12,7 милијарди долари.