Соборен неидентификуван летечки објект над Канада

Канада соопшти дека објектот бил соборен од американски воен авион Ф-22. (архивска фотографија)

Уште еден неидентификуван објект е соборен над северноамериканскиот воздушен простор, потврди канадскиот премиер Џастин Трудо.

Тој рече дека најновиот објект „го нарушил канадскиот воздушен простор“ и бил соборен над Јукон во северозападна Канада.

И канадските и американските авиони се обидоа да го најдат објектот, за кој Трудо рече дека бил уништен од американски борбен авион Ф-22.

Тоа е трет објект што е соборен над Северна Америка во последните седум дена.

Видете и ова: САД соборија нeидентификуван летачки објект над Алјаска

Американската војска минатиот викенд уништи кинески балон, а во петокот неидентификуван објект со големина на мал автомобил беше соборен кај Алјаска.

Трудо во саботата потврди дека ја издал наредбата и дека разговарал со американскиот претседател Џо Бајден.

„Канадските сили сега ќе ги извлечат и анализираат остатоците од објектот“, напиша тој на Твитер.

Најновиот неидентификуван објект леташе над централниот дел на Јукон на околу 12.000 метри и беше пресретнат во саботата околу 15:41 часот по локално време“, изјави за новинарите министерката за одбрана Анита Ананд.

Таа го опиша како „мал“ и „цилиндричен“, но рече дека се уште се разработуваат повеќе детали.

Белата куќа соопшти дека објектот бил надгледуван „во последните 24 часа“.