Критики кон Австрија за издавање визи на санкционирани руски пратеници

Илустративна фотографија.

Австрија се најде на удар на критики поради издавањето визи на руските пратеници кои се под санкции, по повод нивното учество на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Виена.

Москва планира да испрати делегати на состанокот на Парламентарното собрание на ОБСЕ на 23 и 24 февруари, вклучително и 15 руски пратеници кои се под санкции на Европската унија (ЕУ).

Меѓу нив се и потпретседателот на Думата, Пјотр Толстој и пратеникот Леонид Слуцки.

Видете и ова: САД најавија сузбивање на „помошта“ која Русија ја добива да ги избегне санкциите

Апелот до австрискиот канцелар, министерот за надворешни работи и другите австриски претставници, да им забранат на санкционираните Руси учество на состанокот го потпишаа 81 делегат на ОБСЕ од 20 земји, меѓу кои Франција, Канада, Велика Британија, Полска и Украина.

„Важно е да се запамети дека руските парламентарци се составен дел од системот на моќ и се соучесници во злосторствата што Русија ги извршува секој ден во Украина“, се наведува во писмото на кои увид имаше АП.

Како што се додава, руските парламентарци кои се под санкции „немаат место во институција чија задача е да промовира искрен дијалог и противење на војната“.

Австриската влада ја осуди руската инвазија на Украина пред речиси една година, но ја нагласи и потребата од одржување на дипломатските односи со Москва.