Москва: Неприфатливи се повиците за забрана руските спортисти да учествуваат на Олимписките игри

Луѓето се собираат во фан зоната на Олимпијадата во Париз за да ја гледаат церемонијата на затворање на игрите во Токио, пред Ајфеловата кула, во градините Трокадеро во Париз, Франција, 8 август 2021 година.

Рускиот министер за спорт денеска изјави дека повикот на Украина да им се забрани на руските спортисти учество на Олимпијадата во Париз во 2024 година, кој доби поддршка од неколку земји, е „неприфатлив“.

„Обидот да се диктираат условите за учество на спортистите на меѓународни натпревари е апсолутно неприфатлив“, изјави министерот за спорт Олег Матицин, пренесоа руските државни новински агенции.

Тој додаде дека гледа „очигледна желба“ да се „уништи единството на меѓународниот спорт и меѓународното олимписко движење“.

Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) претходно ја повика Украина да престане со најавите за бојкот на Олимписките игри во Париз во 2024 година, доколку им се дозволи на руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат, објави британскиот јавен сервис Би-Би-Си.

Видете и ова: МОК – Остануваат на сила санкциите за Русија и Белорусија

Комитетот тогаш изјави дека одлуката за учество на спортисти од Русија и Белорусија не е донесена и апелираше до Украина да не врши притисок врз Олимписките комитети и организаторите на Олимписките игри.

По руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, МОК ги повика спортските федерации да ги исклучат спортистите и тимовите од Русија и Белорусија од меѓународните настани.

Тој потоа објави дека размислува за вклучување на руски и белоруски спортисти под неутрално знаме на Олимпијадата во Париз.

Во претходниот период Киев побара меѓународна поддршка за забрана за настап на спортисти од Русија и Белорусија поради руската инвазија на Украина.

На почетокот на февруари, Летонија, Литванија, Естонија и Полска се спротивставија на вклучувањето на спортисти од Русија и Белорусија, а Олимписките комитети на Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска го следат овој став.