Иранско-француска истражувачка ослободена од затвор во Иран

Француско-иранскиот академик Фариба Аделхах.

Ослободувањето на иранско-француската истражувачка Фариба Аделхах од затвор во Иран е конечно, иако сè уште не е јасно колку долго ќе треба да остане во Иран пред да се врати во Франција, изјави денеска нејзиниот адвокат.

„Таа беше ослободена синоќа и сега е во нејзиниот дом“, изјави за Ројтерс нејзиниот адвокат Хоџат Кермани, додавајќи дека законски не треба да има проблем да ја напушти земјата.

„Но, ова прашање треба да се разгледа. Така што не е јасно колку долго ќе потрае“, рече Кермани.

Видете и ова: Иранските власти бараат строго почитување на законот за носење хиџаб

Француското Министерство за надворешни работи еден ден претходно повика Аделках да биде ослободена „вклучувајќи го и нејзиното враќање во Франција ако таа сака“.

Аделхах е во затвор од нејзиното апсење во 2019 година за време на посетата на Иран. Таа е една од седумте француски државјани приведени во Иран, што ги влоши односите меѓу Париз и Техеран.

Иранските власти ја осудија на пет години затвор во 2020 година под обвинение за кршење на законите за национална безбедност на Иран. Подоцна беше префрлена во домашен притвор, но во јануари беше вратена во затвор.

Аделхах ги негираше обвинувањата. Франција ги нарече „политички мотивирани“ и постојано бараше ослободување на истражувачката од елитниот париски универзитет „Sciences Po“.

Друг француски истражувач, Роланд Маршал, кој беше приведен со Аделках, беше ослободен во март 2020 година во размена на затвореници меѓу Иран и Франција.

Во последниве години, елитната иранска Револуционерна гарда уапси десетици двојни државјани и странци, главно под обвинение за шпионажа и загрозување на државната безбедност.

Групите за човекови права го обвинија Иран дека се обидува да добие отстапки од други земји преку такви апсења, што Иран го негира.