Од Африм Гаши до дер Лајен

ЗАМБИЈА - Осумте хрватски државјани се изјаснија за невини по новите обвиненија за трговија со деца пред судот во Замбија, објави АП. Четирите двојки од Хрватска беа уапсени на почетокот на декември на аеродромот во Ндола, третиот по големина град во Замбија, под сомнение за трговија со луѓе, односно поради сомнение за валидност на документите за посвојување малолетни деца од ДР Конго. Посвоените деца им биле одземени и преземени од социјалните служби на Замбија, а оттогаш ниту службеникот на хрватската амбасада ниту посвоителите не смеат да ги посетат.

МАКЕДОНИЈА - Мора да се фокусираме да надминеме секакви евентуални бирократски или други препреки за да се најде трајно решение за набавка на лекови за луѓето со ретки заболувања, порача вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување на ТВ Сител.

САД - Неидентификуван објект на голема надморска височина е соборен над Алјаска, соопшти Белата куќа. Портпаролот Џон Кирби рече дека објектот во тоа време бил над ретко населена област.
„Претседателот Џо Бајден донесе одлука да го собори објектот, кој беше од непознато потекло“, рече Кирби.

ТУРЦИЈА / МАКЕДОНИЈА - Македонските тимови на Дирекцијата за заштита и спасување успеале да извлечат 38-годишна жена под урнатините во Турција, соопшти попладнево ДЗС на својот Фејсбук профил. Од ДЗР објавија и видео од дел од спасувачката акција. Тимовите во состав од 39 обучени и опремени спасувачи пред три дена тргнаа кон Турција каде помагаат во спасување на преживеани од под урнатините по разорните земјотреси што ја погодија земјата.

БУГАРИЈА - Велика Британија и Соединетите Држави денеска објавија санкции за осум бугарски политичари кои служеа како членови на парламентот и извршуваа највисоки владини позиции во координирана акција насочена кон корупцијата во земјите-членки на НАТО и ЕУ. Санкциите наметнати од Британија се насочени кон најбогатиот човек во Бугарија, Васил Божков, поранешниот пратеник Дељан Пеевски и поранешниот функционер за национална безбедност и член на одборот на најголемата бугарска државна енергетска компанија Илко Жељазков.

МАКЕДОНИЈА - „Алтернатива“ во недела ќе го донесе конечниот став околу партиципирањето во Владата. Одлуката ќе биде донесена на седница на Централното собрание што ќе се одржи во 16 часот во партиското седиште во Тетово.

РУСИЈА - Русија планира да го намали производството на нафта за 500.000 барели дневно во март како одговор на западните ограничувања на цената на нејзината нафта поради војната во Украина, изјави денеска рускиот вицепремиер Александар Новак, пренесуваат руските медиуми.

ФРАНЦИЈА - Борбените авиони што ги побара Украина „во ниту еден случај“ не можат да бидат испорачани „во наредните недели“, изјави синоќа францускиот претседател Емануел Макрон, по самитот на ЕУ во Брисел на кој присуствуваше и украинскиот претседател, Володомир Зеленски.
„Не исклучувам ништо, но тоа не одговара на моменталните потреби“, рече Макрон.

ЕУ - Европскиот совет го поздрави напредокот што го постигнаа земјите од Западен Балкан во усогласувањето на визната политика на Европската унија и ги повика брзо да преземат понатамошни чекори, наведувајќи дека ова е итно и од клучна важност за управување со миграцијата и добро функционирање и одржливост на безвизните режими.

МАКЕДОНИЈА - За три години македонските граѓани потрошиле речиси 20 милиони евра за да направат ПЦР тестови за во време на пандемијата, утврдил државниот завод за ревизија при „чешлањето “ на сметките на Фондот за здравство. Ревизорите изразиле мислење со резерва за вистинитост на финансиските извештаи на Фондот за 2021 година. Клучните системски слабости се не ажурирана Листа на лекови кои паѓаат на товар на Фондот, како неодржливост на 106 од вкупно 116 јавни здравствени установи поради реализирани помалку услуги за договорените пари. Тоа значи дека само 10 болници во земјава биле финансиски одржливи.

ТУРЦИЈА - Експертите за геологија и инженерство предупредуваа на слабо спроведување долго пред разорниот земјотрес оваа недела, кој срамни со земја илјадници згради и уби повеќе од 21.000 луѓе во Турција и Сирија.
„Ова е катастрофа предизвикана од лоша градба, а не од земјотрес“, изјави за Асошиејтед пред (АП), Дејвид Александар, професор по планирање вонредни состојби на Универзитетскиот колеџ во Лондон.