Премиерката на Молдавија си поднесе оставка

Молдавската премиерка Наталија Гаврилита поднесе оставка

Молдавската премиерка Наталија Гаврилита поднесе оставка една и пол година од мандатот на нејзината влада, што автоматски предизвика оставка на целиот кабинет и ја втурна земјата во политичка криза додека беснее војна во соседна Украина, пренесува молдавскиот сервис на РСЕ.

Гаврилица на прес-конференцијата изјавила дека дошло време да поднесе оставка. Таа додаде дека никој не очекувал дека нејзината влада, избрана во летото 2021 година, „ќе мора да управува со толку многу кризи предизвикани од руската агресија во Украина“.

Оставката доаѓа во услови кога земјата се соочува со енергетски, економски и безбедносни кризи предизвикани од руската инвазија врз Украина.

„И покрај предизвиците без преседан, со земјата се управуваше одговорно, со многу внимание и посветена работа. Имаме стабилност, мир и развој таму каде што другите сакаа војна и банкрот“, рече претседателката Маја Санду во објава на Фејсбук каде што пишува дека ја прифатила оставката.

Пронајдени делови од ракета во Молдавија

Санду рече дека ќе одржи консултации со парламентарните фракции на партиите во парламентот, и потоа ќе номинира кандидат за функцијата премиер на Република Молдавија.

Поради војната во Украина, Русија драстично ја намали испораката на гас за Европа како одговор на западните санкции поради нејзината инвазија, предизвикувајќи енергетска криза на почетокот на зимата. Ова особено ја погоди Молдавија, земја-кандидат за членство во Европската унија, која претежно се потпира на Русија за своите испораки на гас.

Испораките на рускиот гас во земјата се намалени, а редовниот увоз на електрична енергија пресуши, што доведе до прекини, оставајќи многу жители неспособни да ги платат сметките и поттикна протести поради зголемената инфлација и трошоците за енергија во средината на зимата.

Гаврилита, поранешна министерка за финансии, стана премиерка во август 2021 година.