Макрон: Невозможно е да се испратат воени авиони во Украина во наредните недели

Франција - Францускиот претседател Емануел Макрон го пречекува украинскиот претседател Володимир Зеленски по неговото пристигнување во Елисејската претседателска палата на средба со францускиот претседател и германската канцеларка во Париз, на 8 февруари 2023 година.

Борбените авиони што ги побара Украина „во ниту еден случај“ не можат да бидат испорачани „во наредните недели“, изјави синоќа францускиот претседател Емануел Макрон, по самитот на ЕУ во Брисел на кој присуствуваше и украинскиот претседател, Володомир Зеленски.

„Не исклучувам ништо, но тоа не одговара на моменталните потреби“, рече Макрон.

Во меѓувреме, Русија започна нова офанзива на источниот дел на Украина, а Зеленски за време на посетите на Лондон, Париз и Брисел во средата и четвртокот инсистираше на тоа дека на неговата земја и се потребни борбени авиони за да се стави крај на војната. Но, сојузниците на Украина стравуваат дека распоредувањето на напредни западни борбени авиони дополнително ќе го ескалира конфликтот и ќе ризикува отворен конфликт меѓу НАТО и Русија.

Украинската електрична мрежа погодена од руски ракети

Макрон и другите лидери на ЕУ во Брисел го поздравија Зеленски како херој и ветија дека ќе стојат покрај Украина до победата, но внимателно реагираа на неговите барања за борбени авиони.

„Од суштинско значење е сојузниците да се фокусираат на најкорисната и најбрзата опрема“, рече Макрон. „Можеби ќе биде неопходно да се засили испораката на артилериски парчиња и муниција за да и се овозможи на Украина да започне или да се спротивстави на копнена офанзива“, додаде тој, ветувајќи дека „ќе работи на тоа во наредните денови“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пак вчера изјави дека секоја испорака на напредни борбени авиони според НАТО стандардите „ќе им донесе само болка и страдање на Украинците“.