НБ ги зголеми каматните стапки за 0,5 процентни поени

Народната банка

Народната банка (НБ) ги зголеми каматните стапки за дополнителни 0,5 проценти поени. Ова е одлучено на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

„На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 процентни поени до нивото од 5,25 проценти. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,5 процентни поени. Овие каматни стапки ќе се применуваат од 15.2.2023 година“, информираат од НБ.

Видете и ова: Ниските камати се минато

Со овие промени, како што нагласуваат, Народната банка и на почетокот на оваа година продолжува со затегнување на монетарната политика, што започна уште од крајот на 2021 година, преку примена на повеќе инструменти, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.

Во соопштението на Народна банка се додава дека домашните цени во декември забележаа мал пад, со што годишната стапка на инфлација и натаму забавува сведувајќи се на 18,7 отсто. Просечната годишна стапка на инфлација за целата 2022 година изнесува 14,2 отсто и е во согласност со последните проекции на Народната банка од 14,3 отсто, а произлегува претежно од порастот на светските цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија и нивниот преносен ефект и врз цените на останатите производи и услуги, во отсуство на доволно домашни ресурси за ублажување на овие шокови, прецизираат од НБ.