„Еврометар“ истражување: 61 проценти од испитаниците сметаат дека Македонија не е демократска земја

илустрација

Шеесет и еден процент од 1006-те телефонски испитаници одговориле дека Северна Македонија не е демократска земја, покажуваат резултатите од истражувањето „Еврометар“ кое го спроведе домашната тинк-тенк организација „Евротинк“. Според истото истражување 53 отсто сметаат дека работите во државата се движат во целосно погрешна насока, додека само 9 проценти одговориле дека работите одат во добра насока.

Само 49 отсто од граѓаните сметаат дека „генерално, членството во ЕУ“ би била добра работа што е пад од 20 проценти во однос на есента 2021.

„Имаме рекордно ниски бројки во однос на довербата и ставовите на македонските граѓани кон ЕУ и ставот кон самиот процес на интеграции. На прашањето каков е ставот на ЕУ кон Северна Македонија највисоки 65 отсто сметаат дека тој е нефер и уценувачки, додека оние кои сметааат дека е фер е само ниски 17 проценти што се падови и осцилации од 20 проценти во однос на претходните години“, изјави извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски.

Видете и ова: Државата во погрешен правец

Паралелно со ова 33 проценти од испитаниците изјавиле дека Македонија треба да бара модел на развој надвор од ЕУ. Истовремено, 29 отсто од граѓаните сметаат дека земјава никогаш нема да влезе во Унијата, а 42 проценти од испитаниците сметаат дека постои држава или меѓународна организација која е закана за државата. Русија со 4 проценти е на второ место.

„Бугарија се смета за најголем непријател на Македонија и тој тренд континуирано расте. Ако лани Бугарија на прво место со 23 проценти од граѓаните кои мислеле дека таа е најголем непријател на земјава, годинава тој процент е на речиси 28%. За разлика од тоа Србија се смета за најголем пријател со 37 проценти“, додава Николовски.

Истражувањето покажува и дека се повеќе граѓани имаат се помала доверба во институциите.

„Најниска доверба и оваа година е кај судството и обвинителството. Кај судството довербата е 6 проценти, кај обвинителството е 7 проценти. Лани, кај овие две гранки довербата беше по 8 проценти“, вели Александар Стојановски од Евротинк.

Новина во овој „Еврометар“ е вметнување на прашањето „што мислат граѓаните за тоа како државните институции се справуваат со корупцијата“. На ова прашање 51 отсто од испитаниците одговориле дека „институциите лошо ја водат борбата против корупцијата“.