Бајден во говорот за состојбата на Унијата вети дека ќе ја заштити земјата

Претседателот на САД Џо Бајден го одржува говорот за состојбата на Унијата на заедничката седница на Конгресот во Капитол

Американскиот претседател Џо Бајден во неговиот втор говор за состојбата на Унијата ја осуди руската инвазија на Украина и ја промовираше американската поддршка за владата во Киев. „Заедно го направивме она што Америка секогаш го прави најдобро. Водевме. Го обединивме НАТО. Изградивме глобална коалиција“, рече Бајден, ветувајќи дека ќе застане со Украина „колку што е потребно“. Конгресот одобри повеќе од 100 милијарди долари помош и воена помош за Украина и партнерските земји откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година.

Видете и ова: Москва и Вашингтон ги отфрлија извештаите дека САД и понудиле на Русија таен мировен план за Украина

Неколку републиканци - предводени од оние кои се најтесно поврзани со поранешниот претседател Доналд Трамп - се прашуваат дали Вашингтон треба да продолжи да испраќа толку многу пари на владата во Киев. Но, повеќето од партијата - вклучувајќи ги нејзините водачи и највисоките членови на комитетите за национална безбедност во Конгресот - очекуваат помошта да продолжи. Коментарите на Бајден за Украина беа дочекани со силен аплауз и овации и од републиканците и од демократите. Американскиот претседател Џо Бајден во своето обраќање за состојбата на нацијата рече и дека ќе соработува со големиот ривал Кина, но вети „дека ќе ја заштити земјата“.

Видете и ова: Блинкен ја одложи посетата на Кина поради спорниот кинески балон

„Посветен сум да работам со Кина каде што можеме да ги унапредиме американските интереси и да му користиме на светот“, рече Бајден. „Но, не правете грешка во врска со тоа: како што јасно кажавме минатата недела, ако Кина го загрози нашиот суверенитет, ние ќе дејствуваме за да ја заштитиме нашата земја“, рече Бајден. Пекинг негираше дека балонот бил шпионски уред.