Ѓукановиќ: Го поддржуваме европскиот пат на Косово

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и претседателката на Косово Вјоса Османи.

„Ги разбираме амбициите на Косово да стане членка на Советот на Европа, да добие статус на кандидат за Европската унија и тоа силно го поддржуваме“, изјави денеска претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ по средбата со претседателката на Косово Вјоса Османи.

Ова е прва официјална посета на претседателката на Косово на Црна Гора, каде што престојува на покана на Ѓукановиќ, кој пред вилата Горица ја пречека со највисоки државни почести.

Османи истакна дека Црна Гора досега покажала јасна поддршка за Косово на сите полиња.

„Црна Гора и Косово се суверени држави и јасно посветени на патот кон членството во ЕУ. Ќе продолжиме да работиме со цел да ги решиме прашањата од нашето болно минато. Ќе продолжиме по патот на мирот и стабилноста“, рече Османи.

Таа му се заблагодари на Ѓукановиќ за поддршката, наведувајќи дека членството на Црна Гора во НАТО придонело за мир во целиот регион.

Видете и ова: Лајчак: Мило ми е што Косово начелно го прифати предлогот на ЕУ

Ѓукановиќ рече дека Црна Гора внимателно следи се што се случува во преговорите меѓу Косово и Србија.

„Убедени сме дека може да се постигне одржлив договор, со решавање на тоа прашање значително би се решила стабилноста на овој регион“, порача Ѓукановиќ.

Владата на Црна Гора, предводена од Демократската партија на социјалистите на претседателот Ѓукановиќ, го призна Косово во октомври 2008 година, осум месеци по одлуката на Приштина да прогласи независност.