Владеење на правото и борбата против корупцијата приоритет на стратешкиот дијалог на Владата и САД

Премиерот Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска изјави дека Владата на претходната седница го усвоила планот за активности што произлегуваат од Стратешкиот дијалог со САД.

„Со ова го потврдуваме силниот сигнал дека САД се наш стратешки партнер и тоа за нас како држава е од голема важност“, изјави премиерот.

Тој додаде дека од големо значење е што американската администрација ги преземала сите неопходни чекори за земјава што поскоро да ги заврши преговорите со ЕУ. Според Ковачевски, дијалогот со САД ги опфаќа и актуелните безбедносни состојби, како и соработката на двете земји како НАТО партнери.

Зајакнувањето на билатералните односи со САД, како што посочи премиерот, значат модерни закони, безусловно независна борба против корупцијата и криминалот, праведно и правично правосудство, но и правна и економска безбедност на нашата држава.

Видете и ова: Шоле бара борба против корупцијата, но не донесе листа на санкции

Османи рече дека првата област на интензивирана соработка е владеењето на правото и борбата против корупцијата.

„Утврдивме и посебно поглавје во планот на активности што се однесува на имплементацијата на антикорупциската политика. Предвидени се активности што имаат за цел поддршка на судските реформи, преку споделување на стручно знаење, а се со цел зголемување на кредибилитетот и довербата во судството“, рече Османи.

Тој додаде дека е предвидено и зајакнување на соработката во областа на одбраната, сојузништвото во рамките на НАТО и другите безбедносни сегменти.

Северна Македонија е прва од земјите од Западен Балкан која отвори стратешки дијалог со САД, кој претставува надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји и отвора ново поглавје во билатералните односи, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.