Русија ја обвини амбасадата на САД за ширење лажни вести

Руското знаме до знамето на САД при седиштето на американската амбасада во Москва.

Русија побара од амбасадата на САД во Москва да престане со ширење на она што Москва го смета за лажни вести во врска со нејзината воена операција во Украина и се закани дека ќе ги протера американските дипломати, објави денеска новинската агенција ТАСС.

Цитирајќи висок извор од руското Министерство за надворешни работи, ТАСС соопшти дека до амбасадата на САД во Москва била доставена официјална нота во која се предупредува дека американските дипломати вклучени во, како што се наведува, „субверзивни активности“ ќе бидат протерани.

Видете и ова:

Москва разговарала за договорот за нуклеарно оружје со американскиот амбасадор

Руската инвазија во Украина започна на 24 февруари, минатата година. Новата американска амбасадорка во Москва, Лин Трејси, пристигна во главниот град на Русија минатиот месец. Според нејзината биографија, Трејси зборува руски, а претходно била амбасадор на САД во Ерменија.

Претходниот американски амбасадор во Русија, Џон Саливан, ја напушти Москва по истекот на неговиот мандат на 4 септември, минатата година, кога на негово место дојде Елизабет Руд, која ја презеде функцијата, до назначувањето нов амбасадор.