Липавски: Континуирана чешка поддршка за влез на Северна Македонија во ЕУ

шефот на чешката дипломатија Јан Липавски

На денешната заедничка прес конференција во Скопје на министерот за надворешни работи Бујар Османи со шефот на чешката дипломатија Јан Липавски, кој е во официјална посета на земјава беше истакното дека на нивната средба била нагласена континуираната поддршка од Чешка Република за патот на земјава кон Европската Унија, а беа потврдени и зајакнатите билатерални односи, како и економската соработка. „Очекуваме Северна Македонија да стане дел од ЕУ во меѓувреме и натаму ќе нудиме наша помош и соработка на тој пат“, истакна Липавски.

Видете и ова: Ковачевски – Пекарова Адамова: Чешка поддршка за македонските евроинтеграции

Министерот за надворешни работи на Чешка посочи дека како знак на одличните односи меѓу Република Чешка и Северна Македонија денеска во Скопје се и претседавачот на Комисијата за европски прашања и Комисијата за надворешни работи од чешкиот Парламент. Липавски упати покана до Османи за присуство на форумот на ОБСЕ за животна средина кој традиционално се одржува во септември во Прага. Османи, по средбата посочи дека тој и неговиот чешки колега разговарале за билатералните односи што забележуваат нагорен тренд, надминувајќи 250 милиони евра трговска размена во 2022 година.