Во Франција трет бран штрајкови поради пензиските реформи

протести во Франција против пензиските реформи

Синдикатите во Франција денеска започнаа трет бран национални штрајкови против плановите на претседателот Емануел Макрон да ги натера Французите да работат подолго пред пензионирањето. Железничките услуги се откажани, училиштата не работат, прекинати се и рафинериските испораки, бидејќи работниците во повеќе сектори излегоа, а синдикатите ја повикаа јавноста повторно да излезе на улиците во голем број. Владата вели дека луѓето мора да работат две години подолго - што значи за повеќето до 64-годишна возраст - за да го задржат буџетот на еден од најдарежливите пензиски системи во индустрискиот свет.

Видете и ова: Пензионирање подоцна - Непопуларно за работниците, неопходно за фондот

Французите поминуваат најголем број години во пензија меѓу земјите на ОЕЦД - длабоко негувана придобивка од која значително мнозинство не сака да се откаже, покажуваат анкетите. Министерот за труд Оливие Дусоп ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека владата ги негирала размерите на уличните протести низ целата земја минатиот месец и рече дека е потребна промена. „Пензискиот систем е загубар и ако се грижиме за системот, мора да го спасиме“, изјави министерот за радио РМЦ. Филип Мартинез, лидер на синдикатот ЦГТ, рече дека Макрон игра „опасна игра“ во продолжувањето на длабоко непопуларната реформа во време кога домаќинствата се соочуваат со висока инфлација.