Шефот на украинската воена разузнавачка служба, иден министер за одбрана

Шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов

Шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов ќе го замени Олексеј Резников на функцијата министер за одбрана, објави синоќа пратеникот Давид Арахамија. „Војната диктира промена на персоналот. Времето и околностите бараат засилување и концентрација. Ова се случува сега и ќе продолжи и во иднина“, рече Арахамија, кој не го прецизираше датумот на смената на министерот. Претходно Резников вети внатрешна истрага во неговото министерство, по корупцискиот скандал поврзан со снабдувањето на армијата за време на војната. Резников на прес-конференцијата призна дека антикорупциските служби на неговото министерство „не ја исполниле својата задача“ и дека треба „целосно да се реструктуираат“. Сепак, Резников избегна одговор за можноста самиот да си поднесе оставка, што го пренесоа украинските медиуми. Министерот рече дека одлуката треба да ја донесе претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Видете и ова: Украинските власти упаднаа во домот на милијардерот Коломојски

На крајот на јануари, Украина беше потресена од серија оставки и отпуштања во контекст на корупцискиот скандал откриен во печатот, а кој се однесуваше на договор потпишан од Министерството за одбрана за наводно преценета сума и поврзан со прехранбени производи наменети за војниците. Тоа е првиот голем случај на корупција што изби од почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси една година.