Тројца верски лидери ја осудија криминализацијата на хомосексуалноста

Верските поглавари на Римокатоличката, Англиканската и Презвитеријанската црква денеска заедно ја осудија криминализацијата на хомосексуалноста и порачаа дека хомосексуалците треба да бидат добредојдени од нивните цркви.

Тројцата христијански водачи зборуваа за правата на ЛГБТ заедницата на нивната заедничка прес конференција по враќањето од посетата во Јужен Судан каде што се обидоа да поттикнат мировен процес.

Верските лидери својот став го искажаа по новинарските прашања за неодамнешните коментари на папата Френциск за новинската агенција Асошиетед прес, во кои тој изјави дека законите што ги криминализираат геј луѓето се „неправедни“ и дека „да се биде хомосексуалец не е кривично дело“.

Видете и ова: Папата Франциск: хомосексуалноста не е кривично дело

Јужен Судан е една од 67-те земји кои ја криминализираат хомосексуалноста. Од вкупно 67 земји во 11 се пресудува и смртна казна за хомосексуалците. Активистите за заштита на правата на припадниците на ЛГБТК заедницата велат дека дури и кога таквите закони не се применуваат, тие придонесуваат за клима на вознемирување, дискриминација и насилство.

Папата Франциск ваквите коментари за прв пат ги искажа на 24 јануари, а денеска повтори дека таквите закони се „неправедни“. Тој ги повтори и претходните коментари дека родителите никогаш не треба да ги отфрлаат своите геј деца од својот дом.

„Да се осудува некој како овој е грев. Криминализирањето на луѓето со хомосексуални тенденции е неправда“, повтори Папата.