Русија и Украина разменија затвореници

Ослободените украински војници

Русија и Украина на 4 февруари објавија дека размениле затвореници при што се ослободени 63 Руси и 116 Украинци како и враќање на телата на двајца странски доброволци кои биле вклучени во хуманитарна работа во источниот украински регион Доњецк.

Руското Министерство за одбрана објави дека на нивна територија се враќаат 63 руски војници . Во соопштението на социјалната платформа Телеграм наведуваат дека меѓу ослободените има и лица кои припаѓаат на „чувствителна категорија“, без да се посочат детали.

Во него се додава дека размената била олеснета „благодарение на посредништвото на раководството на Обединетите Арапски Емирати“.
Украинските власти во меѓувреме известија дека 116 затвореници се вратиле дома.

Видете и ова: Во тек се тешки борби на исток на Украина

Шеф на претседателскиот кабинет на Украина,Андреј Јирмак на Телеграм напиша дека меѓу нив има „бранители на Мариупол, партизани од Керсон, снајперисти од областа Бахмут“.

Тој наведе и дека се вратени телата на странски доброволци и тоа Британецот Кристофер Метју Пари и Ендрју Тобијас Метју Багшо од Нов Зеланд и телото на починатиот украински волонтер Јевхен Кулик, кој служел во француската легија на странци во Украина.

Пари и Багшо, двајца доброволци кои помагаа во евакуацијата на цивилите и доставуваа хуманитарна помош, беа пријавени за исчезнати на 7 јануари во Доњецк. Последен пат беа видени претходниот ден на пат од Краматорск кон Соледар, каде што се водеа тешки борби меѓу украинските бранители и руските сили.

Набргу потоа, семејството на еден од двајцата доброволци изјави дека мажите биле убиени при обид да се изврши хуманитарна евакуација.

Јермак објави и кратко видео на кое наводно се прикажани ослободени украински затвореници кои патуваат со автобус и две фотографии од мажи кои држат украински знамиња пред автобус.