МВР: Граничните премини се во функција, се пропуштаат возила

Граничниот премин Деве Баир

Од МВР информираат дека е отстранет дефектот на системот на сите гранични премини и истиот е оспособен за функција и се пропуштаат возила за влез и излез од земјава. На граничниот премин „Деве Баир“ група на бугарски граѓани чекаа да влезат на македонско територија за да му оддадат почит на револуционерот Гоце Делчев на одбележувањето на 151 годишнината од неговото раѓање.

Тие се организирани со автомобили од страна на бугарската фондација „Македонија“. На фејсбук профилот на претседателот на фондацијата, Виктор Стојанов беше објавено видео на кое се гледа како бугарските државјани се расправаат со македонската полиција и бараат да ги пушти да ја преминат границата.

Видете и ова: Напнато, но мирно одбележување на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев

Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев изјави дека се очекува околу 100-150 бугарски државјани да пристигнат во Скопје. Тој посочи и дека очекува да се исполнат ветувањата на македонските власти дека бугарските граѓани кои сакаат да дојдат во Скопје ќе бидат примени непречено.

„Има податоци за запрени бугарски државјани. На крајот на денот ќе имам информации и колку се оправдани причините за тоа“, рече министерот Демерџиев во одговор на прашање на БТА.

Видете и ова: Демерџиев: Има податоци за запрени бугарски државјани на границата со РСМ

Според него, има и список со имиња на бугарски државјани кои нема да бидат примени, но, како што рече министерот, тој список не е голем. Демерџиев, како што најави, планира да ги почека оние Бугари кои ќе дојдат да положат цвеќе на гробот на Делчев, за да може заедно со нив да ја одбележи годишнината од неговото раѓање.

Во бугарската делегација, која ќе положи цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас, се и министерот за здравство Асен Меџидиев и заменик министерот за внатрешни работи Венцислав Катинов.

Под засилени безбедносни мерки денеска во Скопје се одбележува 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Македонскиот државен врв веќе положи цвеќе на гробот на Делчев, кој се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје. Изјави за медиумите немаше од македонската делегација, а не се предвидени ни изјави од бугарската делегација.