САД и сојузниците со критика за одговорот на Иран по извештајот на МААЕ

САД, Франција, Обединетото Кралство и Германија на 3 февруари во заедничка изјава го критикуваа „несоодветниот“ одговор на Иран на извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за неговата нуклеарна програма.

Станува збор за извештај во кој од Меѓународната агенција е посочено дека во Техеран при ненајавена посета утврдиле дека се направени промени без претходно известување во фабриката за збогатување со ураниум .

Иран, за овој извештај коментираше дека инспекторот на МААЕ случајно ги означил промените како непријавени и дека прашањето подоцна било решено, јавува новинската агенција Франс прес.

„Иранските тврдења дека оваа акција е извршена по грешка се несоодветни. Ние ги оценуваме активностите на Иран врз основа на непристрасните и објективни извештаи на МААЕ, а не на наводната намера на Иран“, се вели во заедничката изјава.

Видете и ова: Иранските демонстранти палат владини пропагандни транспаренти


Според извештајот на МААЕ, во кој имала увид новинста агенција Франс прес, за време на ненајавената инспекција на 21 јануари, инспекторите откриле дека „две каскади на центрифуги IR-6... биле меѓусебно поврзани на начин кој е суштински различен од начинот на работа што бил договорен“.

МААЕ не прецизираше какви промени се направени во меѓусебната врска меѓу каскадите.

Четирите земји рекоа дека промената е „неконзистентна со обврските на Иран“ според договорите и дека „таков недостаток на потребни известувања ја поткопува способноста на Агенцијата да одржува навремено откривање во иранските нуклеарни постројки“.

„Потсетуваме дека производството на високо збогатен ураниум од Иран во фабриката за збогатување носи значителни ризици поврзани со ширењето и е без никакво веродостојно цивилно оправдување“, се вели во нивната изјава.