Спасовски со апел за смиреност по повод чествувањето на 4 февруари

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска упати апел до граѓаните по повод чествувањето на 4 Февруари, Денот на раѓањето на Гоце Делчев, наведувајќи да не се подлегнува на провокации и одбележувањето да помине смирено и достоинствено. Според Спасовски, институциите нема да дозволат никаква ескалација, инцидент или понижување на македонскиот народ и држава од никого. „Мора, како што наведува тој, да деескалира состојбата што неодговорните политичари, групи и поединци сакаат да ја влошат“.

Видете и ова: МВР: За безбедноста на 4 февруари не се ангажирани припадници на бугарската полиција

Министерот Спасовски упатува и порака до политичките субјекти и политичарите, да бидат одговорни во целиот овој процес. „Сакам да упатам јасна порака до политичките субјекти и политичарите, да бидеме одговорни во овој процес, бидејќи неодговорноста не прави добро на граѓаните и државата, мирот и стабилноста е одговорност на секој еден од нас“, истакнува Спасовски, повикувајќи да се напушти реториката од разни „патриотски институти” за тоа што можат да направат. „Немојте како граѓани да подлегнувате на повик на било кои политички субјекти и да преземате надлежност на институциите“, наведува министерот Спасовски во апелот.