Шпанија и Мароко ги обновуваат односите со нови договори

Момче и маж се обидуваат да ја преминат оградата од бодликава жица на границата меѓу Мароко и Шпанија, мај 2021 година.

Владите на Шпанија и Мароко потпишаа околу 20 договори, вклучително и договори за управување со миграцијата и зајакнување на шпанските инвестиции во Мароко, договорени на состаноци насочени кон ублажување на дипломатските тензии поврзани со спорната Западна Сахара.

Мароко е сојузник на западните сили во борбата против екстремизмот и е важен во помагањето на миграциската политика на ЕУ, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез, кој го поздрави, како што рече, чекорот за градење доверба на церемонијата на потпишување во Рабат.

Меѓу потпишаните документи е и пакет од 800 милиони евра за поттикнување инвестиции на шпанските компании во Мароко, два меморандуми за миграција и неколку договори за образование и професионална обука. Потпишувањето на договорот треба да биде поттик за економиите од двете страни на границата, наведува Асошиејтед прес (АП).

Шпанија ќе испрати тенкови Леопард 2А4 во Украина

Мароканците ја претставуваат најголемата единствена странска заедница во Шпанија со 800.000 луѓе. Шпанија е најголемиот странски инвеститор во Мароко, поради што економската соработка е врвен приоритет за мароканската влада.

Посетата на шпанската влада се смета за обид да се добие нешто опипливо за дипломатските напори за подобрување на врските со Мароко по зголемените тензии околу Западна Сахара, поранешна шпанска колонија анектирана од Мароко во 1975 година. Шпанија го налути Мароко во 2021 година кога дозволи борец за независност од Западна Сахара да побара лекување во шпанска болница. Тогаш Санчез, за да ги смири тензиите, донесе контроверзна одлука Шпанија да ја поддржи мароканската визија за иднината на територијата - поголема автономија, но во рамките на контролата на Мароко. Ова, од друга страна, го налути Алжир, важен снабдувач на гас за Шпанија и земја која го поддржува фронтот Полисарио, движење кое се бореше за независност на Западна Сахара, потсетува агенцијата АП.