МНР: Декларацијата на бугарското Собрание не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи

МНР

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија преку соопштение, со жалење констатира дека собраниската декларација за наводна „ескалација на агресивни анти-бугарски активности во Република Северна Македонија“, усвоена денеска, на последниот ден од работата на Народното Собрание на Бугарија, не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување и укажува на отсуство на волја за нејзино спроведување.

Како што се наведува во соопштението од МНР, со оглед на тајмингот на усвојување на декларацијата, таа може да оди само во прилог на провокаторите чија цел е да предизвикаат политички активности кои негативно влијаат на односите меѓу двете држави, и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи.

Македонско-бугарски односи: Од најдобри пријатели до непријатели

„Секој чин на провокација од која било страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји“, се оценува во реакцијата на македонското МНР.

По однос на содржината на декларацијата, од МНР подвлекуваат дека Северна Македонија во изминатиов период преку конкретни проекти и активности, покажа дека посветено работи на спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Содржаните наводи за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Северна Македонија, посочуваат, целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници во Северна Македонија, вклучително и на бугарската.

Гробот на Гоце Делчев заборавен кога нема тензии

Народното собрание на Бугарија денеска без дискусија усвои декларација во која „се осудуваат антибугарските пројави во Република Северна Македонија“. Декларацијата беше поддржана од 185 пратеници, а еден беше воздржан. До парламентот беа доставени четири нацрт-декларации, од ГЕРБ-СДС, „Продолжуваме на промените“, „Демократска Бугарија“ и „Преродба“, врз основа на кои е изготвен и изгласан заеднички нацрт предложен од Комисијата за надворешна политика.