Белгија затвора нуклеарен реактор после четири децении работа

Архивска фотографија: Нуклеарната централа Тијанж во Белгија

Белгија вечерва ќе затвори 40 години стар нуклеарен реактор во близина на Лиеж на истокот на земјата. Во Белгија сега ќе останат пет нуклеарни реактори во функција. Со нив управува француската група Енжи.

Белгија, која до летоска имаше седум реактори, ги почна првите исклучувања на 23 септември во Доел на северот на земјата.

Исклучувањето на реакторот Тијанж 2 е второ затворање на овие објекти предвидено со законот од 2003 година, кој го регулира конечното напуштање на нуклеарната енергија. Овој реактор беше пуштен во употреба на 1 февруари 1983 година, пред точно 40 години.