Блинкен повика на смирување на тензиите меѓу Палестина и Израел

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на денешната посета на Ерусалим ги повика Израелците и Палестинците да ги намалат тензиите. Тој притоа го реафирмираше дводржавното мировно решение како „единствен пат“ напред.

Неговата посета доаѓа во време кога се разгорува насилството меѓу Израелците и Палестинците по доаѓањето на новата десничарска влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Седум лица беа застрелани во напад во петокот од страна на маж од источен Ерусалим кој и самиот беше убиен од полицијата. Еден ден претходно, Израел изврши невообичаена рација на бегалскиот камп Џенин на окупираниот Западен Брег, при што загинаа 10 жители, повеќето вооружени лица.

„Одговорност на секој е да преземе чекори за смирување на тензиите наместо да ги разгорува“, им рече Блинкен на новинарите по слетувањето во Тел Авив.

Тој додаде дека нападот во Ерусалим е повеќе од напад врз поединци, туку е напад врз чинот на практикување на својата вера и најостро го осуди.

„И ги осудуваме сите оние кои ги слават овие и какви било други акти на тероризам кои одземаат невини животи, без разлика која е жртвата или во што веруваат. Повиците за одмазда против повеќе невини жртви не се одговор“, додаде Блинкен.

Видете и ова: Израелската полиција приведе 42 лица за смртоносниот напад пред синагога

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со кој Блинкен се состана денеска, повика повеќе граѓани да носат оружје како мерка на претпазливост од вакви улични напади. Но, тој исто така ги предупреди Израелците да не прибегнуваат кон насилство. Блинкен утре треба да се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Дводржавното мировно решение вклучува формирање на независна палестинска држава која ќе ги вклучува Западниот Брег, Ерусалим (Кудс) и Појасот Газа, како и палестинските територии окупирани од Израел во 1967 година.