Италија во обид да ја намали зависноста од руски гас

Италијанската премиерка Џорџа Мелони зборува за време на прес-конференција во Триполи, Либија, 28 јануари 2023 година

Италијанската државна енергетска компанија ЕНИ потпиша договор вреден 8 милијарди долари со либиската Национална нафтена корпорација за развој на две либиски офшор гасни полиња. Чекорот на Италија доаѓа во време кога додека европските земји се обидуваат да ја намалат зависноста од руски гас.

ЕНИ ќе помогне во развојот на две офшор полиња, а производството се очекува да започне во 2026 година, соопшти компанијата на 28 јануари. Се предвидува полињата да може да произведат 7,5 милијарди кубни метри гас годишно, што е две-третини гас од вкупната количина на гас што Италија го увезува од Русија.

Европските земји брзаат да купуваат природен гас од неруски извори, вклучително и Северна Африка, по инвазијата на Москва на Украина во февруари 2022 година.

Видете и ова: Европска зима без руски гас - опасност за шумските ресурси


Русија, најголемиот снабдувач на природен гас за Европа пред инвазијата, нагло го намали извозот на гас за Европа, што претставниците на ЕУ го оценија како обид да се уцени Брисел да ја намали поддршката за Украина. Италија беше вториот најголем потрошувач на руски гас во Европа по Германија.

Соопштението на ЕНИ доаѓа по посетата на италијанската премиерка Џорџа Мелони на Северна Африка, која е богата со енергенси.

За време на нејзината посета на Либија, Мелони рече дека Италија не бара „предаторска“ улога, туку сака да им помогне на африканските нации „да растат и да станат побогати“.