Курти за РСЕ: Предупредени сме за можноста за намалување на меѓународната поддршка

Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за РСЕ, 27 јануари 2023

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека добил предупредувања за можноста за намалување на поддршката од Западот, доколку Косово не биде конструктивно во однос на преговорите со Србија. Сепак, тој изрази уверување дека Косово се покажува како конструктивна страна во овој процес.

Курти во интервју за Радио Слободна Европа вели дека не бил поканет на средбата што ќе ја организира Американската амбасада во Приштина на 31 јануари, а на која ќе се разговара за создавање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.

Видете и ова: Донфрид: Косово и Србија мора да ја завршат напорната работа

Курти вели дека оваа средба е резултат на инсистирањето на претставникот на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар и оти од него очекува да каже во Белград дека Србија треба да го признае Косово, а не да каже во Приштина дека ќе дојде до формирање на таа Заедница, без разлика на премиерот на Косово.

Говорејќи за европскиот план за нормализација на односите Косово-Србија, Курти рече дека тој не му бил претставен во форма на „земи или остави“, туку како платформа за понатамошна дискусија. Тој повтори дека европскиот предлог е добра основа за разговори, но рече дека не содржи се што би сакало Косово. Курти рече и дека очекува интензивен дијалог со Србија, за да се постигне договор во наведената временска рамка, а тоа е март 2023 година.

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак вчера изјави дека германско-францускиот план во суштина е план за нормализација на односите меѓу Србија и Косово и дека содржи 11 поени. Тој за приштинската телевизија Клан Косова изјави дека тие точки прво им биле презентирани на двете страни во септември, додека документот од декември вклучувал приговори од двете страни на првиот нацрт на планот.