Министерот Спасовски повика да не се блокираат патишта и на мирно и достоинствено чествување

Оливер Спасовски

„Нема никаква потреба од какво било организирање на граѓаните за блокади на патиштата или ноќни стражи на денот на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, затоа што тука се институциите на системот“, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повикот на социјалните мрежи упатен до граѓаните на 4 февруари да ја блокираат патарината Куманово – Скопје.

Видете и ова: Ковачевски: МВР презема активности за безбедно чествување на роденденот на Гоце Делчев

„Апелирам до сите на едно мирно, достоинствено чествување, а државата, МВР и безбедносните служби се тука да направат се и да обезбедат мирни услови“, рече Спасовски, најавувајќи дека имаат секојдневни активности МВР и агенциите и дека се формира посебен штаб за оваа активност. Спасовски е уверен дека нема да биде многу голем бројот на оние кои се организираат и сакаат да дојдат, бидејќи, како што посочи, граѓаните не се расположени за конфликти, сакаат стабилизација и напредок. „Нема да дозволиме дома некој да ни дојде за да не понижува. Во тој дел институциите работат и прибираат информации, нагласи Спасовски во емисијата „Утрински печат“.

Видете и ова: Гир: Неприфатливи се изјавите на Џамбаски за Пендаровски и територијалните претензии

За тоа дали европратеникот Ангел Џамбаски ќе биде прогласен за персона нон грата, Спасовски рече дека ќе ја носат одлуката кога ќе дојде време за тоа. „Институциите ќе работат сериозно врз основа на сите сознанија, ќе бидат вклучени сите сектори задолжени во овој дел за на крајот да ја постигнеме целта, а тоа да биде со мир, стабилност и безбедност за нашите граѓани и држава“, рече Спасовски.

Министерот за внатрешни работи за последниот случај во Охрид смета дека е сценарио и дел од хибридната војна.

„Луѓе од иста групација се и тие кои тепаат и тие кои се тепани. Тоа ја докажува таа хибридна војна. За секое инкриминирачко дејство што се прави државата реагира во овој дел и ние кажуваме дека не може во ниту еден момент, ниту еден граѓанин, без разлика на национална, верска, политичка и која било друга припадност да биде физички нападнат и да биде малтретиран. На тоа државата јасно ќе се спротивстави и ќе преземе мерки какви што презема и во овој случај“, рече Спасовски.