Лајчак вечерва во посета на Приштина

Архивска фотографија - Косовскиот премиер Албин Курти на средба со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак. Декември 2022 година.

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, вечерва ќе пристигне во Приштина, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори во Брисел.

Според истите извори, тој кратко време ќе остане во главниот град на Косово, додека не се потврди кои ќе бидат неговите соговорници.

Последниов период се врши притисок врз косовскиот премиер Албин Курти да го прифати планот на ЕУ, поддржан од Соединетите Американски Држави, за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград.

Предлогот на ЕУ, кој во јавноста е познат и како француско-германски план, беше доставен до властите во Приштина и во Белград на крајот на минатото лето.

Видете и ова: Вучиќ најави учество на седницата на Собранието на Србија за Косово

Официјални лица во Приштина претходно изјавија дека овој предлог претставува добра основа за продолжување на дијалогот со Србија, а од Белград рекоа дека тој не е прифатлив бидејќи подразбира признавање на независноста на Косово.

Сепак, по посетата на петчлената европско-американска делегација на Приштина и Белград на 20 јануари, која имаше за цел да разговара за планот, претставниците на дипломатскиот тим им рекоа на новинарите дека очекуваат „подобро разбирање“ на европскиот предлог од косовскиот премиер.

Од тој ден никој од косовската влада не го коментираше планот.

Од друга страна, официјален Белград потврди дека е подготвен да „работи на основите и да го спроведе“ истиот план.