Османи и Спасовски: постојат фактори кои сакаат да не одвлечат од патот на ЕУ

Бујар Османи

„Во нашата држава секогаш има фактори кои сакаат Република Северна Македонија да се одвлече од патот на ЕУ и да се одржи перманентна латентна криза, затоа што тогаш трети фактори од надвор најдобро го имаат своето влијание“, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. „Во овој правец граѓаните да немаат сомнение дека политичките партии во Владата, независно од етничка припадност, се сплотени како никогаш досега во историјата на оваа држава во заштитата на националните интереси и на македонскиот народ, и на Албанците и на другите и на државата во целина. Нема никој да не обесхрабри во таа наша политика или пак да не сподели во таа сплотеност, што има историска димензија“, порача Османи, кој заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал го посетија полицискиот центар во Ѓорче Петров и присуствуваа на показна вежба на припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Единицата К9.

Видете и ова: Македонско-бугарските односи во нова тензична фаза

Во одговор на новинарско прашање дали бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски ќе биде вратен назад, ако се појави на границата за да присуствува на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари, министерот Оливер Спасовски одговори дека за тоа ќе се одлучува тогаш. Спасовски додаде дека врвен приоритет ќе биде да се сочува, мирот, стабилноста и јавниот ред заради тоа што тоа не е добро и за политичките односи внатре во државата и помеѓу соседите. „Знаеме дека имаме радикални структури кои заради некакви лични, политички и секакви други интереси, сакаат да се нарушува тој процес на стабилизација на односите од една страна. Од друга страна заради тоа што никако не смееме да дозволиме да се наруши и безбедноста на нашите граѓани“, изјави министерот за внатрешни работи.

Видете и ова: Агелер-Од критична важност е да се смират страстите меѓу Скопје и Софија

На новинарско прашање во однос на изјавата од претседателот на државата Стево Пендаровски за поврзаноста со руски структури на некои лица, министерот Спасовски истакна дека сите активности што се преземаат за да се спречи патот на земјава кон ЕУ се истите оние од времето кога го одевме патот за членство во НАТО и се поврзани со геостратешки политики.