Радев - На 2 април предвремени парламентарни избори во Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев.

Предвремените парламентарни избори во Бугарија ќе се одржат на 2 април, изјави денеска во Софија бугарскиот претседател Румен Радев.

Тој претходно на 24 јануари го прифати вратениот неисполнет трет мандат од претставниците на „БСП за Бугарија“, по што одржа средба со раководството на Централната изборна комисија (ЦИК).

„Организирањето на претстојните парламентарни избори мора да гарантира правичност и транспарентност на гласот и правата на граѓаните“, рече Радев на средбата во ЦИК.

Претседателката на ЦИК, Камелија Нејкова, денеска пред пратениците во Народното собрание рече дека ЦИК е подготвена да ги организира изборите на 2 април.

Видете и ова: Бугарија се движи кон петти избори во рок од две години

Бугарската Социјалистичка партија (БСП) денеска соопшти дека не успеала да формира влада и дека му го вратила неисполнетиот мандат на претседателот Румен Радев, отворајќи го патот за петтите парламентарни избори во последните две години.

Тоа беше трета и последна можност за формирање влада во рамките на сегашниот законодавен дом што произлезе по изборите на 2 октомври.

„Направивме се што беше потребно за да го исполниме третиот мандат“, рече лидерката на БСП, Корнелија Нинова, додавајќи: „немаше доволно волја да се формира работна влада“.

Пред обидот на социјалистите за формирање коалиција, двете најсилни групи во бугарскиот парламент - централно-десничарската партија ГЕРБ и реформистичката партија „Продолжуваме со промените“, кои завршија на првото и второто место на изборите во октомври, се обидоа и не успеаја да најдат доволно поддршка за да формираат свои влади.