Бугарија се движи кон петти избори во рок од две години

Илустративна фотографија.

Бугарската Социјалистичка партија (БСП) денеска соопшти дека не успеала да формира влада и дека му го вратила неисполнетиот мандат на претседателот Румен Радев, отворајќи го патот за петтите парламентарни избори во последните две години.

Тоа беше трета и последна можност за формирање влада во рамките на сегашниот законодавен дом што произлезе по изборите на 2 октомври.

„Направивме се што беше потребно за да го исполниме третиот мандат“, рече лидерката на БСП, Корнелија Нинова, додавајќи: „немаше доволно волја да се формира работна влада“.

Пред обидот на социјалистите за формирање коалиција, двете најсилни групи во бугарскиот парламент - централно-десничарската партија ГЕРБ и реформистичката партија „Продолжуваме со промените“, кои завршија на првото и второто место на изборите во октомври, се обидоа и не успеаја да најдат доволно поддршка за да формираат свои влади.

Видете и ова: Трет обид за формирање влада во Бугарија

Радев потоа ја избра БСП да го исполни мандатот бидејќи веруваше дека партијата има „најдобри шанси“ да формира влада и дека го зачувала „дијалогот со сите политички партии застапени во парламентот“.

Според Уставот, Радев мора да го распушти парламентот и да закаже избори во рок од 60 дена од издавањето на указот за распуштање, најверојатно во април.

Партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, кој помина три поделени мандати како премиер меѓу 2009 и 2021 година, беше цел на широко распространети обвинувања за корупција, а повеќето групи ги отфрлија разговорите за соработка со Борисов.

Аналитичарите велат дека нови избори најверојатно повторно ќе резултираат со фрагментиран парламент кој ќе се бори да најде компромис и да формира работна коалициска влада.

Континуираната политичка криза се очекува да ги попречи плановите на најсиромашната земја на Европската унија за приклучување кон еврозоната на крајот на оваа година, како и навременото примање на милијарди евра во фондовите за закрепнување на ЕУ.