Варшава побара од Берлин дозвола да ги достави своите тенкови Леопард во Украина

Леопард 2

Полскиот министер за одбрана денеска изјави дека побарал од Германија одобрение за Полска да испорачува тенкови Леопард на Украина. „Германија веќе го доби нашето барање да го прифати трансферот на тенковите Леопард 2 во Украина“, напиша Мариуш Блашчак на Твитер. Тој го повика и Берлин да им се придружи на земјите кои ја поддржуваат Украина со предавање на тенковите. Германската министерка за надворешни работи Ана Баербок вчера изјави дека Германија „нема да и застане на патот“ на Полска доколку таа земја сака да испрати тенкови Леопард 2 во Украина. Украина ги повика западните земји да и ги испратат овие тенкови од германско производство, за кои верува дека ќе и помогнат да ја порази Русија на бојното поле.

Видете и ова: Зошто толку врева околу германските „леопарди“?

Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Берлин изјави дека е убеден оти Алијансата наскоро ќе најде решение за испорака на борбени тенкови на Украина. „Во овој клучен момент од војната, ние мора да обезбедиме потешки и понапредни системи за Украина и тоа мора да го направиме побрзо“, им рече Столтенберг на новинарите, по средбата со германскиот министер за одбрана Борис Писториус.