Министрите од ЕУ воведоа нови санкции против Иран

Илустрација, приведени девојки кои протестирале во Иран

Министрите на Европската унија се согласија за нов пакет санкции против Иран, соопшти шведското претседателство со ЕУ на 23 јануари. Во соопштението е наведено дека министрите одобриле нов пакет санкции против Иран, насочени кон оние кои поттикнуваат репресија.

„ЕУ силно ја осудува бруталната и непропорционална употреба на сила од страна на иранските власти против мирните демонстранти“, објави шведското претседателство без да даде повеќе детали за санкциите.

Според извори на новинската агенција Ројтерс станува збор за нови 37 лица додадени на списокот со санкции од ЕУ против Иран.

Видете и ова: Најмалку 522 загинати во антивладините протести во Иран

Најмалку 522 лица се убиени за време на четиримесечните протести против иранската влада, според извештаите на американската организација за заштита на човекови права. Уапсени се речиси 20.000 луѓе, од кои 110 имаат обвиненија кои може да резултираат со смртни казни. Според податоците, четворица демонстранти веќе се егзекутирани.

Протестите беа поттикнати од смртта на 22-годишната Махса Амини, која била приведена од полицијата, со образложение дека не го ставила правилно превезот на главата.