Шпанската полиција разби банда што експлоатирала украински бегалци

Илустративна фотографија

Шпанската полиција денеска објави дека разбила криминален синџир кој управувал со три нелегални фабрики за тутун, каде што во тешки услови работеле Украинци кои избегале во Шпанија поради руската воена инвазија во нивната земја.

Бандата е обвинета за шверц на „големи количества“ тутун, кој го користеле за правење цигари од фалсификувани марки кои се продаваат низ Шпанија, како и во соседните земји, објаснува Цивилната гарда во соопштението.

Видете и ова: Руската инвазија расели 14 милиони Украинци

Во Шпанија се уапсени 27 лица во рамките на истрагата спроведена со помош на европската полициска агенција Европол и се запленети тутун и цигари вредни 37,5 милиони евра.

Трите фабрики во винскиот регион Ла Риоха, Севиља и Валенсија биле опремени со машини за „напредна технологија“ и можеле да произведуваат 540.000 кутии цигари дневно, се вели во соопштението.

Бандата вработувала Украинци кои нелегално влегле во Шпанија или пристигнале како баратели на азил од почетокот на војната во Украина, во февруари 2022 година.

Украинците живееле во фабрики, „набиени во монтажни објекти и немоќни да ги напуштат објектите без да бидат забележани, а работеле долги часови“, се вели во соопштението и се додава дека водачите на бандата „переле големи суми пари“ и „живееле богато“ во луксузното туристичко одморалиште Марбела во Коста дел Сол.