ФБИ пронашле нови доверливи документи во куќата на Бајден

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден

Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) ја претресло куќата на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден во Вилмингтон во Делавер и пронашло нови доверливи документи. Исто така биле одземени и некои рачно пишувани белешки со ракописот на претседателот, соопшти адвокатот на Бајден.

Претседателот доброволно ги пуштил ФБИ во својот дом.

Во тек на вчерашниот претрес, кој траел скоро 13 часа, ФБИ пронашле документи со ознака доверливо, рече Боб Бауер, личен адвокат на Бајден.

Тие документи се од времето кога Бајден бил во Сенатот и потпретседател, додека белешките датираат од времето кога беше потпретседател во мандатот на претседателот Барак Обама.

Претседателот и неговата сопруга Џил Бајден не биле во куќата кога бил вршен претресот.

Обраќајќи им се на новинарите за време на патувањето во Калифорнија во четвртокот, Бајден рече дека „целосно соработува и дека се радува на брзото решавање на овој проблем“.

„Откривме дека неколку документи се заведени на погрешно место. Веднаш ги предадовме во Архивот и во Министерството за правда“, рече Бајден.

Правниот тим на Бајден откри околу 10 досиеја во заклучен орман во Пен Бајден центарот на Вашингтон во ноември, соопшти претходно неговиот адвокат. Тие документи биле предадени во Државниот архив.

Некои доверливи документи во декември биле пронајдени во гаражата на Бајден.

Во истрагата за доверливите документи пронајдени во Пен Бајден центарот е вклучен и ФБИ.

Поранешниот претседател Доналд Трамп исто така се соочува со истрага поради изнесување доверливи досиеја на Флорида по завршувањето на неговиот претседателски мандат.

Трамп е под истрага поради наводно спротивставување на барањата да врати околу 300 доверливи документи кои ги однел на својот имот Мар-а-Лаго во Флорида, откако ја напушти функцијата. Државниот архив ги извести надлежните за тој случај.

Видете и ова: Пронајдени доверливи документи во поранешната канцеларија на Бајден


Услов за поднесување на кривичните пријави е некој поединец да имал намера да го прекрши законот. Невнимание или небрежност не се услов за поднесување кривична пријава.

Законот со кој се регулира таа област предвидува дека кривично дело е „свесно“ отстранување на доверливи документи и нивно складирање на неовластен начин.

Генерално, доверливите документи мора да бидат декласифицирани по максимум 25 години. Некои списи се со таква вредност што остануваат под ознака доверливо многу подолго, но мора да се одобрат посебни исклучоци.