Учениците утре се враќаат на настава, заврши зимскиот распуст

Илустративна фотографија

Заврши зимскиот распуст и од утре сите основци и средношколци се враќаат во училишните клупи, во второто полугодие од учебната 2022/2023 година.

Годинава распустот беше продолжен за три дена со владина одлука, а меѓу причините за тоа беа наведени енергетската криза и епидемиолошката состојба.

Видете и ова: Епидемиолошката состојбата стабилна, децата може да се вратат на школо

Според најавите на министерот за образование, Јетон Шакири, учебната година ќе заврши на 14 јуни наместо на 9 јуни (петок) затоа што, учениците треба да ги одработат сите 180 работни наставни денови утврдени со Календарот за воспитно-образовниот процес во училиштата.

„За подобро функционирање на процесот, поради тоа што 18 јануари е среда, 19-ти е празник за поголем дел од граѓаните и 20-ти е петок, одлучивме второто полугодие да почне во понеделник. Исто така, да се изработат сите 180 работни денови до крајот на ова второ полугодие. Има три работни наставни денови и не гледам причина да има некаков проблем“, изјави Шаќири минатата недела.

Видете и ова: Историски промашувања во учебникот по историја

Инаку, и покрај најавите дека ќе има учебници за сите ученици, оваа учебна година почна без нив за четири генерации - уениците од прво, второ, четврто и петто одделение. Тие требаше да бидат готови до крајот на првото тромесечие, но многу ученици не ги добија и до крајот на полугодието. Освен што има недостиг, во новите учебници, како оној по историја, беа констатирани и многу грешки.