Иранските власти бараат семејството да ги обвини медицинските лица за смртта на Махса Амини

Махса Амини, жртва на иранската полициска бруталност, на болнички кревет

Адвокатот на семејството на младата Иранка Махса Амини тврди дека судските власти не го истражиле случајот адекватно и дека се обидуваат од семејството да извлечат изјава дека медицинскиот персонал е виновен за смртта на младата девојка, што предизвика жестоки протести во Иран.

Во интервју за веб-страницата Фараз, Мохамад Салех Никбахт вели дека четири месеци по смртта на Амини, „истрагите се нецелосно спроведени и без присуство или учество на семејството како тужител“.

Амини беше приведена од моралната полиција во Техеран во септември за наводно неправилно носење хиџаб. Иранските власти соопштија дека таа починала од природна смрт, но очевидци и нејзиното семејство тврдат дека младата жена била претепана од полициските служби.

Растат анти-владините протести во Иран поради смртта на притворената жена

Адвокатот ги повика надлежните да го истражат периодот од два часа помеѓу апсењето на Амини и префрлањето во Центарот за морална полиција наместо да го убедуваат него и семејството да прифатат дека „задоцнетото пристигнување и неуспехот“ на медицинскиот персонал е причина за нејзината смрт.

„За помалку од два часа, 95 отсто од виталните знаци на оваа млада жена беа изгубени, а Махса беше однесена веќе мртва во болница“, рече Никбахт, додавајќи дека зборува јавно и покрај тоа што безбедносните служби му забраниле да дава интервјуа за медиумите.

Адвокатот вели дека иранското правосудство не му ги предало на семејството истражните документи или болничкиот извештај. Тој рече дека болницата каде што починала Амини, подготвила извештај од 500 страници во кој се вклучени мислењата на различни лекари, вклучително и лекарот задолжен за реанимација, но дека судските власти не го предале тој извештај на лекарите кои го застапувале семејството Амини.

Амини почина на 16 септември, што поттикна илјадници Иранци да излезат на улиците низ земјата за да бараат повеќе слободи и права за жените.