Претепан охриѓанец, бугарски медиуми велат дека е тоа секретарот на клубот „Цар Борис“

Архивска фотографија од клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, пред отворањето минатата година

СВР Охрид утрово соопшти дека синоќа, во угостителски објект на кеј „Македонија“ во Охрид, бил нападнат 21-годишниот охриѓанец Х.П.. Лицето, како што е наведено, било физички нападнато од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид, по што му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид.

Дел од бугарските медиуми, како и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, објавија дека се работи за Секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков.

„Тројца напаѓачи почнале да го удираат секретарот на бугарскиот културен клуб, го навредувале и му се заканувале дека ќе го убијат бидејќи е Бугарин и работи во културниот центар. Веднаш ги известив бугарското и македонското МНР“, изјавил бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за емисијата BulgariaOnAir.

Видете и ова: Уставен суд оформи предмети за бугарските здруженијата „Иван Михајлов“ и „Борис Трети“

Портпаролот на охридската полиција, Стефан Димоски, во изјава за МИА, објави детали од нападот, но не прецизираше дали станува збор за секретарот на Клубот.

„Според пријавеното од Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј „Македонија“ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид, појасни за МИА Димоски.

Нападот во полиција бил пријавен околу 22 часот и 30 минути. Известен бил јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.