Именуван нов министер за внатрешни работи на Украина, откако досегашниот загина при пад на хеликоптер

Началникот на украинската полиција, Ихор Клименко, е именуван за вршител на должноста министер за внатрешни работи на Украина, откако на 18 јануари при пад на хеликоптер загина министерот Денис Монастирски и високи функционери во Министерството за внатрешни работи.

При падот на хеликоптерот загинаа 14 луѓе, од кои девет биле во хеликоптерот на службата за итни случаи. Хеликоптерот се урна во близина на градинка и станбена зграда во предградие на Киев. Клименко вели дека Министерството за внатрешни работи функционира.

„Наша должност е да ги исполниме сите задачи што ги планира министерот Монастирски. И што е најважно да ги заштитиме луѓето и Украина“, соопшти прес-службата на Министерството.

Засега не се знае дали станува збор за несреќа или за последица на војната, но е отворена истрага за случајот. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски оцени дека тоа е ужасна трагедија.

Видете и ова: Три можни причини за пад на хеликоптерот во Украина

Американскиот претседател Џо Бајден им изрази сочувство на семејствата на загинатите лица и повтори дека дека Укрина има партнер во Соединетите Американски Држави.

„Ние тагуваме со сите оние кои тагуваат по оваа потресна трагедија“, рече Бајден во изјавата, нарекувајќи го Монастирски „реформатор и патриот“.
Претходно и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го нарече Монастирски „голем пријател на ЕУ“. И тој изрази сочувдство со семејствата на жртвите, државниот врв и народот на Украина.