Лајчак на чело на тимот дипломати од ЕУ и САД во посета на Белград и Приштина

Србија -- Мирослав Лајчак, пратеник за дијалогот меѓу Косово и Србија, и српскиот претседател Александар Вучиќ, во Белград, 14 декември 2022 година.

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, ќе ја предводи европско-американската група дипломати кои во петок, на 20 јануари ќе ги посетат Приштина и Белград, потврди портпаролот на ЕУ Петер Стано.

Во делегацијата ќе бидат американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар, советници на германскиот канцелар и на францускиот претседател и еден советник на италијанскиот премиер.

Косово: Габриел Ескобар и Мирослав Лајчак на средба со косовскиот премиер Албин Курти, архивска фотографија.


Ова е првпат италијански дипломат да биде дел од тимот кој ќе го посети регионот со цел да се постигне напредок во дијалогот меѓу Косово и Србија.

„Ова е дел од нивните тековни напори за подобрување на дијалогот што го помага ЕУ“, им рече Стано на новинарите.

Видете и ова: Зошто доаѓа до повлекување на признавањето на Косово и какви се последиците?

Лачак ќе се сретне со премиерот на Косово, Албин Курти, а потоа во Белград со претседателот на Србија, Александар Вучиќ за да разговараат за следните чекори во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија, рече портпаролот на ЕУ.

Целта на посетата, според европски извори, е подготовка за одржување на следната рунда дијалог на највисоко политичко ниво во Брисел.
Вучиќ и Курти последен пат се сретнаа во Брисел на 21 ноември. Средбата беше оценета за неуспешна.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Давос потврди дека в петок се среќава со претставниците на Германија, Франција, САД, на Италија и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, и оцени дека тоа ќе биде „многу, многу, многу тежок разговор со светските најголемите сили“.

Тој за медиумите од Србија на Светскиот економски форум во Давос изјави дека од разговорот може да се види дека единственото нешто што сите ги интересира се санкциите против Русија и независноста на Косово.

Тој додаде дека потоа ќе има консултации на државниот врв.