Руската амбасада во Скопје: Османи не ги спомена жртвите на украинските напади

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во посета на Украина како претседавач со ОБСЕ, 16 јануари 2023 година

Руската амбасада во Македонија со објави на социјалните мрежи реагираше на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дадени за време на посетата на Украина во врска со цивилните жртви при руските напади, забележувајќи му дека при тоа не ги споменал загинатите при украинските гранатирања. Во објава на Амбасадата на социјалните мрежи Фејсбук и Телеграм се наведува дека претседавачот на ОБСЕ, Османи шпекулирал „за жртви на руската агресија, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев“. Според Амбасадата, Османи досега не ги споменал жртвите од гранатирањата од страна на украинските сили, „како и сите загинати и ранети од агресијата на киевскиот режим врз Донбас од 2014 година, чиј број изнесува илјадници“.

Османи: Мора да запре страдањето во Украина

Министерот Османи за време на посетата на Киев во понеделникот изрази „силна осуда“ за континуираната руска агресија врз Украина, потенцирајќи дека нападите врз цивилни цели немаат никакво оправдување. Османи при тоа го осуди рускиот напад врз станбена зграда во Дњепар во саботата, во кој, според последните податоци, загинаа 45 лица, меѓу кои и шест деца, околу 80 се повредени, а 20 се уште се водат како исчезнати. Шефот на дипломатијата, при тоа, ја повика Русија да ја прекине војната и повторно да се посвети на принципите на ОБСЕ и преку дипломатски пат да се решат сите предизвици.