Армиските генерали на САД и Украина се сретнаа во Полска

Американскиот армискиот генерал Марк Мили.

Додека украинските сили се соочуваат со засилени руски напади на истокот на земјата, американскиот командант Марк Мили се сретна со украински воени офицери на тајна локација во југоисточна Полска.

Американскиот армиски генерал Марк Мили, претседател на Здружениот Генералштаб, на 17 јануари се сретна со генералот Валериј Залужниј, началник на украинската војска, во база во близина на границата на Полска со Украина.

„Вашингтон пост“ и други медиуми објавија дека во американската делегација има уште пет други воени офицери, заедно со преведувач и безбедносен персонал. Поради безбедносни мерки на претпазливост, веста за средбата не беше објавена додека не заврши.

„И двете страни мислеа дека тоа е важно“, рече портпаролот на американската армија, полковник Дејвид Батлер.

„Важно е двајцата многу важни воени функционери да се гледаат во очи кога зборуваат за многу важни теми. Тоа прави разлика“, додаде тој.

Двајцата генерали често зборуваа по инвазијата на Русија на 24 февруари 2022 година, но ова е прва нивна средба лице в лице.

Видете и ова: Генерал Хоџис: Русија нема „кохерентен воен план“ во Украина

Залужни ја потврди средбата, пишувајќи на Твитер дека лично се сретнал со Мили во Полска.

Тој вели дека е благодарен за непоколебливата поддршка и помош што ја добиваат од Соединетите Американски Држави и другите сојузници. Украинскиот генерал додаде дека „ги истакнал итните потреби“ на украинската војска со кои ќе се забрза победата.

Средбата се случи во време кога украинските сили се соочуваат со немилосрдни руски напади, и додека западните сојузници се подготвуваа да се сретнат во Германија за да разговараат за можноста да и дадат вооружување, што е едно од главните барања на лидерите во Украина.

Генералштабот на украинските вооружени сили во својот дневен извештај на 17 јануари соопшти дека Русите извршиле повеќе од 70 напади претходниот ден, гранатирајќи 15 населени места во близина на спорниот град Бахмут во Доњецк, вклучително и стратешкиот град Соледар, кој е претворен во рушевини од руско гранатирање.

Видете и ова: Советник на Зеленски поднесе оставка поради коментарите за рускиот напад во Днипро

Победата на Русија во Соледар ќе им овозможи на руските сили да се приближат до Бахмут, каде со месеци се водат жестоки битки.

„Непријателот не се откажува од своите намери да го заземе целиот регион Доњецк. Тој спроведува офанзивни дејствија во правците Бахмут и Авдијевка“, соопшти Генералштабот, додавајќи дека руските сили продолжиле да притискаат и во правец на Запорожје и Херсон.

Најновите напади се случија откако во руски ракетен напад врз станбена зграда во која биле сместени околу 1.700 луѓе во централниот украински град Днипро, загинаа најмалку 45 луѓе. Украинските власти на 17 јануари соопштија дека спасувачите ја прекинале потрагата по жртвите од нападот, со мала или никаква надеж дека ќе пронајдат жив некој од 20-те лица кои се водат како исчезнати. Русија ја отфрли одговорноста за нападот на огромниот станбен комплекс.