Виетнамскиот претседател поднесе оставка по корупциските скандали

Архивска фотографија: Виетнамскиот претседател Нгуен Суан Фук

Виетнамскиот претседател Нгуен Суан Фук денеска поднесе оставка по низата корупциски скандали во кои беа вмешани високи функционери.

Државната виетнамска новинска агенција објави дека Фук поднел оставка на седница на Централниот комитет на владејачката Комунистичка партија, а текстот на соопштението укажува дека бил принуден да се повлече.

После низата функции на покраинско ниво во неколку децении, Фук во 2006 година дојде на државни позиции. Во 2011 стана член на Политбирото, највисокото тело на Комунистичката партија, а беше премиер од 2016 до 2021 година, кога Парламентот го избра за шеф на државата.

Видете и ова: Корупцијата и судството приоритети на новата американска амбасадорка

Во соопштението за оставката, Фук е пофален за напорите, кои како премиер ги презеде во борбата против коронавирусот, но се наведува дека е политички одговорен за сериозните скандали во кои беа вмешани негови поранешни подредени, вклучително и двајца потпретседатели на владата и тројца министри.

Во Виетнам, држава во југоисточна Азија со околу 100 милиони жители, функцијата претседател е претежно церемонијална. Најмоќната функција во државата е генералниот секретар на Комунистичката партија, на која е Нгуен Фу Тронг, кој во 2021 година го започна третиот петгодишен мандат. Главно обележје на неговото владеење е долготрајната актикорупциска кампања.