Србија истражува дали нејзини државјани се борат за Русија во Украина

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека безбедносните агенции на Србија, воени и цивилни, ги следат и ги анализираат сите информации поврзани со објавените видеа и фотографии на наводните српски борци кои им се приклучиле на руските единици во војната во Украина.

„Нашата земја е многу јаснa дека учеството на српските граѓани во сите конфликти во други земји е забрането, а тоа повлекува правни последици“, рече тој и додаде дека Србија сака да ja смири ситуацијата и тензиите насекаде во светот и во Украина.

Тој ги повика оние кои имаат „патриотски позитивен набој“ во Србија да ги покажат своите борбени способности во единиците на српската армија.

Обајва на социјалната мрежа Vkontakte за српски борци кои се борат за Русија

Борбата на странски боишта е кривично дело во Србија.
Во средината на јануари на социјалната мрежа Vkontakte беа објавени фотографии на кои наводно се гледаат српските борци кои пристигнале во регионот Запорожје во Украина.

Во објавата се наведува дека тие пристигнале од Белград и покрај забраната на властите во Србија. Се наведува и дека тие се дел од рускиот баталјон на Павле Судоплатов. Се цитираат и зборовите на „шефот на регионот“ Евгениј Балички, кој изјавил дека српските борци делумно ја покажале својата „лојалност кон Русија“.

РСЕ не можеше да го потврди идентитетот и потеклото на луѓето од фотографиите, бидејќи повеќето лица не се видливи. Исто така, не е можно да се одреди локацијата и времето на фотографиите.

Во исто време на платформата Телеграм беше објавено видео на кое наводно се гледа група борци од Србија за кои се тврди дека се приклучиле на баталјонот на Павле Судоплатов.

Судоплатов бил член на разузнавачките служби на Советскиот Сојуз за време на Втората светска војна. Тие носат маски на лицето, а во видеото на српски јазик тврдат дека дошле да им „помогнат на нашите браќа“.

Во видеото, еден од наводните борци ја коментира и ситуацијата на Косово, за која наведува дека е непредвидлива.

Информацијата дека српските борци му се приклучиле на баталјонот на Павел Судоплатов ја пренесоа и некои руски медиуми.