ЗНМ и ССНМ: Работата на премиерот не е да ја оценува уредувачката политика на медиумите

ССНМ

Од Здружението на новинари (ЗНМ) и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска реагираа на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски за работата на медиумите. Од ЗНМ соопштија дека праксата на непримерна комуникација за работата на медиумите продолжува и од претедателот на Владата.

На новинарско прашање дали премиерот Ковачевски ќе се огради од лидерот на ДУИ, Али Ахмети во контекст на изјавата дека етикетира медиуми, Ковачевски рече: ,,Верувам дека господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на факти и за објаснување ќе треба да го прашате него. Бидејќи и за медиумите и јас имам мое лично мислење, јас можам да дадам мое лично мислење како некои медиуми се однесуваат. Што се однесува до мене можам да кажам дека во државата има медиуми чија што уредувачка политика личи на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чија што уредувачка политика личи на партиски сектор за комуникација”.

Доколку политичарите, јавните функционери сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, како што наведуваат од ЗНМ, тие можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела односно Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија.

„Ваков наратив инициран од страна на премиерот претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од јавен интерес. Ваков однос од страна на премиерот Ковачевски во најмала рака е непрофесионален и крајно неприфатлив од причина што денеска реагиравме за скандалозната изјава кон медиумите на неговиот коалициски партнер Ахмети. Ваквата пракса на непримерна комуникација може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст“, велат од ЗНМ.

Видете и ова: ЗНМ и ССНМ: Етикетирањето на медиуми од страна на Ахмети е опасно

Од ССНМ сметаат дека дека државните функционери, особено кога се работи за најмоќната државна позиција, мораат да внимаваат на искажаниот збор бидејќи вперувањето со прст од различни причини кон одредени медиуми ги става во незавидна позиција медиумските професионалци, кои потоа се цел на разни напади, говор на омраза и слично.

„Ваквото етикетирање на медиумите претставува и напад врз слободата на изразување и слободата на медиумите, односно врз новинарите и медиумските работници, што не смее да се случува во едно демократско општество. Предочуваме, дека јавноста односно граѓаните не смее никој да ги потценува и тие се оние кои го носат крајниот суд за тоа дали одреден медиум си ја врши добро или не работата која е од јавен интерес“, соопштија од ССНМ.

Од ЗНМ и ССНМ претходно исто така реагираа и на изјавата на Ахмети кој два медиуми – телевизиите Телма и Алфа ги нарече „непријатели на Албанците“.