Запленети 60 килограми марихуана на Деве Баир

Илустрација

Мобилните тимови на Царинската управа вчера на граничниот премин Деве Баир запленија 60 килограми опојна дрога марихуана, наменета за европскиот пазар. Со ова, како што соопштија од Царинската управа, спречен е меѓународен канал на нелегална трговија со дрога. Вредноста на запленетата дрога на нелегалниот пазар се проценува од 240 до 300 илјади евра.

„Во попладневните часови на излез од државата, мобилните тимови од Одделението за оперативни работи од Секторот за контрола и истраги, при вршење на царинска контрола на автомобил со романски регистарски ознаки управувано од романски државјани, пронајде опојна дрога марихуана со вкупна тежина од 60 килограми. Опојната дрога е пронајдена во специјално направени бункери во возилото, каде биле сокриени 64 пакети марихуана“, се наведува во соопштение на Царинската управа.

Обвинувања за шверц на дрога со политичка заштита

Оттаму информираат дека дрогата и возилото се одземени, а лицата се приведени и предадени на Одделението за истраги за спроведување на понатамошна постапка. До надлежното Основно јавно обвинителство – Куманово против двете лица е поднесена кривична пријава и за истите е одредена мерка притвор.

Од Царината посочуваат дека во текот на минатата година е спречена нелегална трговија на над осум тони дрога и психотропни супстанци, со проценета вредност од 50,3 милиони евра на нелегалниот пазар.